Од стихозбирката „Соцветија“ на Ана Димишковска - 3
7:09 PM
Тигрово око
Земјините бои, светла и темна, сраснати. Знак
за присутност моќна во тивкиот самрак.
Чекор лесен, канџи, бесна крв во дамари
иста волја од искон им дава исти шари
на крзното мачкино и драгиот камен
и душата што се бистри низ крик осамен.
Но ни земјата што тивко не` мами во себе
ни ноктите на тигрица што од милост гребат
ни челуста - не се вруток на стравот кој корне.
Туку тоа бездно што не сака да зборне.
Застани пред тигар, око длабоко и страсно
за другите тајна, за себе свесно, опасно
чувствуваш што те стреснува, те толчи?
Оној поглед кој знае се` а молчи.
Килибар
Солза од килибар, капка медена
но горка, врз стеблото. Рана од засек.
Дамнешните трпки од уплав, од штрек
во стаклест сјај молчат заледени.
За твојот врат, бела брезо, дар -
преболени, сетни насмевки од јантар.
Се топат борови, нашите тела,
облици меки. Смола златна, врела
што земјата ја лади со љубов и жал.
Замрени крилја сред жолтиот кристал.
Ѓердан од светлина што навнатре зрачи
проѕирност, а скритост. Убаво е, плачи.
Животот кој згаснал станува вечен.
Бакнежот, еднаш примен, неизбришлив, свечен.
Низ ноќта преполна звуци а глува
клокоти времето, килибар течен:
те ништи за да те сочува.
Филигран
Му дава среброто облик или му го зема
на воздухот, кога станува украс?
Парче усреќен простор, засекогаш жив
драгоцен а кршлив ко кристален глас.
Месечев филигран не` вткајува и нас
во бран, бреза, бубаче на тревка
светулка што час ја има час ја нема
се нишка свеста, пајажина кревка.
Низ сите нешта струи еден здив.
Мекоста е цврста, свилено едро.
Спитоми го светот со допир и збор.
Зошто ли ме создале од твоето ребро?
Да ти бидам чирак дење, ноќе мајстор
твојот трепет, кришум, да го ловам во сребро.
Tweet
Шеќернолимонова
tea with sugar gives me the cramps
tea with sugar gives me the cramps