Од стихозбирката „Соцветија“ на Ана Димишковска - 1
6:46 PM
Предавство
Прво
го предаваш небитието
заради мајка ти
Потоа
ја предаваш мајка ти
заради светот
Потоа
го предаваш светот
заради љубовта
Потоа
ја предаваш љубовта
заради битието
На крај
го предаваш битието
заради
небитието.
Женски папок
Таа нежна длапка што те мами
да ја допреш. Не залажувај се, бегај.
Тука е дувло на глува болка.
Превртен вулкан. Пат кон центарот
на светот. И жиг и знак дека од раѓање сме сами.
Тој црн бисер во отровна школка.
Празнина што зјае од првиот рез. Болна до очај
а така моќна да го распрета жарот.
И кога пиеш роса од тој чуден цвет
не верувај му на телото што го галиш.
Воздивнува.
Тебе, немајќи друг, ти се одмаздува
што го фрлиле, осамено, на овој свет.
Аријадна
Ти ќе ме колнеш поради оваа нишка
водителка низ тајни ходници
до дувлото на онаа сонлива лишка
што го корне мракот со подмолни крици.
Во рацете веќе имаш тегобен дар;
настрвен да го сотреш ѕверот, бодар
но кој ли ќе го чуе твојот очаен крик?
Во дупката `ржи сенка што го носи твојот лик.
Што ќе и` сториш? Ја сфаќаш ли мојата тага
ти сам против себе, твојот меч против твојот штит.
Уште еден херој скршен од раката на својата драга.
За утеха, станавме јунаци на еден славен мит.
Tweet
Шеќернолимонова
tea with sugar gives me the cramps
tea with sugar gives me the cramps